Станбеното подрачје Мариупол, град во југоисточна Украина, беше гранатирано попладнево, а жителите стравуваат дека руската армија ќе се обиде да го освои тој стратешки важен град.

Локалните власти соопштија дека 26 лица се хоспитализирани поради раните добиени во руското гранатирање на источниот дел на Мариупол.

Украинските власти наведуваат дека украинската армија го спречила обидот на руските сили да влезат во градот.

Дипломатски извор подоцна изјави за Ројтерс дека предградијата на градот се под силен оган и дека се слушнале стотици експлозии.

Мариупол, град со околу половина милион жители, е на само 10 километри од областа контролирана од проруските сепаратисти.

Многу продавници не се отворија во четвртокот, а дел од жителите ги спакуваа своите работи во автомобили и го напуштија градот.

„Се криеме“, изјавила средовечна жена за Ројтерс.

Друга жителка на Мариупол, 17-годишната Јулија, преку телеграма изјави за Ројтерс: „Имаме засолниште во нашата куќа, но не знам дали е доволно големо и безбедно“.

Мариупол беше накратко окупиран од проруските сепаратисти во 2014 година и се наоѓа во границите на регионот Доњецк.

Со освојување на Мариупол, Русија би се доближила до целта за спојување на Крим со областа контролирана од проруските сепаратисти и целосно би го контролирала брегот на Азовското Море.

Мариупол е важно пристаниште и во него се сместени челичарници, што исто така би го зголемило економскиот притисок врз Украина.

Дописниците на Ројтерс од областа во четвртокот видоа многу знаци дека украинската армија се подготвува да го заземе градот.

По патот можеа да се забележат украински ракетни фрлачи.

Во блиските градови Мангуша и Бердјанск редици имаше пред бензинските пумпи, како и пред банкоматите.

Украинските пристаништа во Азовското Море извезуваат пченица, јачмен и пченка во медитеранските земји како Кипар, Египет, Италија, Либан и Турција, но советникот на началникот на кабинетот на украинскиот претседател изјави дека украинската војска ја прекинала испораката од пристаништата по инвазијата.