Девојче за кое постои сомневање дека е двегодишната Данка Илиќ од Бањско Поље во Србија, била видена прексиноќа во Виена во придружба на две Романки. Снимка од девојчето до српската полиција испратил српски државјанин од Виена, а полицијата веднаш реагирала и се вклучи и Интерпол кој распиша жолт налог за претрес.
Српскиот медиум Блиц направи анализа на совпаѓањето на фотографиите на девојчето од снимката со фотографиите на девојчето Данка што ги објави нејзината мајка на социјалните мрежи, а сличноста е голема.
Девојчето од видеото е на возраст од Данка, а нејзината коса е со иста должина како и на Данка. На фотографиите кои се достапни на јавноста може да се забележи дека ова девојче исто како и Данка се уште користи цуцла.
Семејството на исчезнатата Данка го видело видеото, а како што велат за Блиц, иако гледаат сличности, не можат ништо со сигурност да кажат.
„Видеото е многу матно, па не можам со сигурност да кажам дека е Данка. Се чека официјална потврда. Од одот и косата на девојчето а ми се чини дека може да е таа, но ништо не е сигурно. Од каде се знае дека овие жени се од Романија, кој го снимил тоа видео? Многу работи не се поклопуваат. Но, ние би сакале таа да се врати дома повеќе од се на светот“, изјави Стефан Драгомировиќ, вујко на Данка Илиќ (2).
Со нив разговарал и дедото по татко на девојчето, кој рекол дека не верува додека не ја види внуката со свои очи.
„Секако, сето ова ми дава надеж дека Данка е жива“, изјави за Блиц дедото на исчезнатото девојче.