Здравствената состојба на Панчо се подобрува секојдневно, се надеваме дека наскоро ќе биде пуштен на домашно лекување, за „Фокус“ открива близок соработник на дуото ДНК, чиј член Владимир Блажев Панчо речиси два месеца е хоспитализиран, по пожарот во Кочани.
– Физичките рани ќе заздрават, но душата на Панчо, и на сите кои изгубија свои блиски во пожарот, вечно ќе им гори. Никој ниту сакал, ниту пак можел да претпостави дека вакво нешто може да се случи. За жал, времето не може да се врати назад, вели нашиот соговорник.
И други блиски соработници на Панчо од естрадниот свет со кои разговаравме, велат дека се уште се занемени од трагедијата и само се надеваат Панчо што побргу да се врати во својот дом, и да собере сили да продолжи со животот. Додаваат дека се свесни како никогаш животот нема да биде ист, ниту за Панчо, ниту пак за било кој што изгубил близок во пожарот, а поради сензитивноста на случајот, не сакаат да зборуваат јавно.
– Ќе треба време да заздрават раните на телото, ама лузните на душата засекогаш ќе останат. Само тој си знае најдобро како му е и низ што минува, велат.
Во пожарот во таканареченото кабаре Пулс во Кочани, згаснаа 62 млади животи. Помеѓу загинатите имаше шест деца, а околу 200 лица се повредени. Од тимот на ДНК загинаа осум лица, помеѓу кои и Андреј Ѓоргиевски, со кого Панчо настапуваше повеќе од две децении во дуото.
Првично, по трагедијата, Панчо беше хоспитализиран во државна болница, а потоа беше префрлен во Клиничката болница Аџибадем Систина. Од таму, неколку дена по пожарот се огласија со соопштение дека тој е на интензивна нега, дека е стабилен и не е во животозагрозувачка состојба.
– Неговото лекување продолжува во единицата за интензивна нега, во третманот е вклучен мултидисциплинарен тим лекари, со цел да овозможат најдобра медицинска грижа, известија од клиниката пет дена по настанот. По повеќе од 40 дена на интензивна нега, Панчо беше преместен на оддел.