– Како Влада разработуваме модалитети и можности за тоа колку може и дали е можно да се намалат цените на патарините. И од тој аспект ние разработуваме модалитети кои ќе бидат одржливи, изјави вечерва министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Тој посочи дека ќе се работи на патарините кон Тетово и Гостивар за да се постигне целосно електронска наплата на патарини со што ќе се намали уделот на човечкиот фактор.
– Во 2015 година започна проектот за реконструкција на електронските патарини. Ние веќе работиме и на Коридор 8, патарината кон Куманово е веќе изреконструирана, ќе се работи и на оние кон Тетово и Гостивар со цел да имаме целосно електронска наплата на патарини со што ќе се намали уделот на човечкиот фактор во однос на овој процес, рече Бочварски во Тема на денот на Сител.
Бочварски вели дека моделот со винетките не е доволно праведен.
– Со винетките моделот не е доволно праведен затоа што винетка користи и оној граѓанин кој патува секој ден на одредена дестинација и ги користи повеќе патиштата, отколку што некој можеби ќе наплати со регистрацијата винетка, односно, патна такса, а притоа можеби и нема да ги користи јавните патишта. Праведен модел е на тоа кој повеќе патува да плаќа повеќе, отколку некој кој користи само локални патишта, смета Бочварски.
Тој посочи дека 46,4 милиони евра се собрани од наплата на патарини минатата година во ЈП за државни патишта.
– Оваа година, имаме најголем буџет за изградба и реконструкција на патишта, односно над 350 милиони евра, што значи дека многукратно повеќе се вложува во текот на годината односно тоа е проектиран буџет најголем во историјата на независна Македонија за изградба и реконструкција на патишта, потенцира Бочварски.