Времето поминува, а случајот паѓа во заборав. Нема ниту трага, ниту глас од 43-годишната скопјанка Лидија Трајковска која од осми ноември се води за исчезната.
Таа кобниот ден излегла од дома во раните утрински часови, без лични документи и мобилен телефон, по што ѝ се губи траг.
Очајни и беспомошни, сега повторно се огласија во јавноста братот и сестрата на Лидија. Сведочат дека останале сами во оваа битка, бидејќи нивните родители веќе немаат сили, а и здравјето им се влошило по немилиот настан.
Братот на Лидија, Александар Јоциќ, вели дека иако никој со сигурност не може да тврди дека телото завршило во Вардар, тој ги моли институциите да ангажираат добро опремени нуркачи, за детално да се провери коритото на реката и да се отфрлат сите сомнежи. Тој апелира и надлежните во случајот да извршат полиграфско тестирање на две лица, на сопругот на Лидија и на уште едно лице кое било во врска со неа, а чиј идентитет ѝ бил познат на полицијата.
(Во земјава полиграфското тестирање е доброволно, и ако испитаникот се согласи со истото, потпишува писмена согласност).
-На социјалните мрежи се пишуваат разни шпекулации и обвинувања и сакаме јавноста да ја дознае вистината и да се запре со ширење на невистини кои само дополнително ни отежнуваат.
Има бројни коментари да не ја бараме Лидија, бидејќи наводно побегнала со ,,кумот”. Такво нешто нема, ете го ,,кумот” кој всушност и не и е кум на сестра ми, овде е, никаде не е побегнат, а полицијата го знае неговиот идентитет.
Од страна на полицијата ни беше кажано дека имала врска со тоа лице, па еве јавно прашувам, во еден ваков случај, зошто тоа лице не се стави на полиграф? Зошто и сопругот на Лидија се уште не е ставен на полиграф? На сите до еден нека ни направат полиграфско тестирање, нека се дознае вистината веќе еднаш, бидејќи живееме во агонија – тврди братот на Лидија.
И нејзината сестра Билјана е со истиот став, да се изврши полиграфското тестирање врз лицето кое било во врска со Лидија, како и врз нејзиниот сопруг, за да можат да го тргнат секој евентуален сомнеж, но и за да ги запрат негативните коментари и шпекулации кои се прошириле во јавност.
-Ние, како сестра и брат на Лидија, не се откажуваме од потрагата по неа и секако, потрагата по вистината. До последен здив ќе бараме да дознаеме што и се случило! Родителите ни се разболеа, немаме сили, бараме, размислуваме за неа деноноќно, се бориме со ветерници цело ова време.
Но, сами ли да бараме? Нашите институции немаат ниту кучиња обучени за потрага по луѓе!
Мене лично од полиција ми имаат кажано дека најверојатно Лидија е во Вардар. Ако се сомневаат дека е таму, зошто не ја најдат? Сакавме да ангажираме стручни тимови од соседна Србија, да помогнат во пребарувањето на реката, ама нашите ни рекоа дека нема потреба од помош од страна. Штом нема потреба, зошто тие веќе 50 дена не можат да ја најдат? Што е тоа кое е поприоритетно од човечкиот живот? Нека се ангажираат масовно Тигрите и да бидеме на чисто околу тоа дали Лидија е во реката и што и се случило, низ солзи моли сестрата.
Додава дека заедно со брат и решиле да ја превземат целата иницијатива околу потрагата, самите да излегуваат во јавност, па и пред камери, и отворено да зборуваат за сите детали за случајот, бидејќи веќе се изгубило доста време.
-Кога имаме еден ваков случај, не би требало да се бара дозвола за полиграфско тестирање, тоа треба да биде нешто кое се подразбира. Секој кој бил близок со Лидија треба да биде тестиран! Вистината да се каже, кој што знае, кој што крие, сите да дознаат! Ние немаме што да криеме, само ја бараме нашата сестра, чие име гледаме дека се поретко веќе се спомнува во јавност.
Читам и за исчезнатата жена од Свети Николе, Злата, веќе шест месеци ја нема. Каде се овие луѓе, кој и како ги бара? Имаме ли потребен капацитет за да се решаваат вакви случаи? Ако немаме, тогаш треба да се бара помош од страна, затоа и од Србија сакавме да ангажираме нуркачи, порача Билјана.