Потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова која денеска ќе престојува во посета на Охрид на брифинг со локалните медиуми рече дека на оние кои се изјасниле како Бугари на националниот попис во Македонија им било барано документи како доказ и поради тоа нивниот број е 3.504 граѓани.

– По моја информација, од попишувачите им било барано како доказ да покажат бугарски документи, рече Јотова денеска во Охрид.

Бугарите се најбрзорастечко малцинство во Македонија. Нивниот број е 3.504 лица (0,19 отсто), а на претходното пребројување од 2002 година изнесувал 1.487 лица.Речиси половина од вкупниот број Бугари, поточно 1.519 лица (786 мажи и 733 жени) се изјасниле дека бугарскиот им е мајчин јазик. Оспорување на резултатите од пописот имаше и од други политичари од Бугарија.

Јотова дополни дека пет години ништо не се е реализирано од договорот за добрососедство и дека, освен впишувањето на Бугарите во Уставот, потребно е да се промени методологијата за учебниците, да се рехабилитираат бугарските ќртви од комунизомот во архивите и да се заштитат спомениците.

Јотова е предвидено да присуствува на отворањето на канцеларија на Здружението за толеранција и соработка „Хоризонти“. Таа заедно со бугарскиот премиер Кирил Петков, ќе го посети Дневниот центар за деца со аутизам. Проектот е финансиран од бугарската влада како дел од програмата на Министерството за надворешни работи „Бугарска развојна помош“.

Јотова вчера во Битола одговори „Кои се тие Македонци?“, на новинарското прашање дали ќе им се признаат правата на Македонците во Бугарија.

Таа рече дека во Битола дошле за да ги поддржат Бугарите во Република Северна Македонија и да го отворат новиот клуб. Таа нагласи дека позицијата на Бугарија е непроменета во однос на почетокот на преговорите.