Идната демохристијанска-социјалдемократска влада планира во следните години ќе вложи 500 милијарди евра во обнова на дотраената инфраструктура: пругите, патиштата и мостовите. Истовремено планира да се посвети на вториот жежок проблем, а тоа е недостигот од станови во Германија, пишува Дојче веле.

Но, за тие планови освен пари ќе бидат потребни и многу работници, квалификувани, но и такви без квалификации. Токму во тој сектор правилото за Западен Балкан, воведено во 2016, во изминатите години ги покриваше потребите на германскиот пазар бидејќи за разлика од останатите програми за доселување на работна сила, правилото за Западен Балкан не условуваше квалификација, туку само работен договор со германски работодавец. Тоа особено во градежната бранша дозволуваше вработување неквалификувани работници кои се дефицитарни на германскиот пазар на труд.

Минатата година социјалдемократска-зелено-либерална влада во екот на либерализацијата на доселувањето ја подигна и годишната квота во рамки на правилото за Западен Балкан од 24 на 50 илјади работни дозволи годишно. Но во својот коалициски договор идната влада минатата недела повторно таа квота ја намали на 25.000 годишно.

Сега многу работодавци прашуваат која е целта на намалувањето. „Правилото за Западен Балкан се покажа како испробан инструмент за врбување работна сила и тоа без претерана бирократија што е инаку реткост во миграцискиот сектор“, вели за Штутгартер цајтунг заменик директорот на Германската индустриска и трговска комора Ахим Деркс. Затоа одлуката на идната влада повторно да ја преполови западнобалканската квота, според него, оди во погрешна насока.

Loading...

Слично мисли и Тим Оливер Милер, директорот на Централниот сојуз на германската градежна индустрија. Тој исто така за Штутгартер цајтунг вели дека намалувањето на годишната квота особено ја погодува градежната бранша. „Значителен дел од странските работници на германските градилишта доаѓаат од некои од земјите од поранешна Југославија… сегашната одлука за намалување на овој контингент е изненадувачка и штетна за браншата. И особено ако се земат предвид планираните инфраструктурни проекти кои ќе ја зголемат побарувачката за работна сила“, вели Милер.

Намалувањето на контингентот нема да ги погоди само големите инфраструктурни проекти туку и изградбата на станови, смета Аксел Гадашко, директор на Главното здружение на изградба на станови (ГдВ). „Ако дотокот на работници од Западен Балкан се преполови, тоа може да го заостри недостигот од работна сила на градилиштата“, смета Гедашко.

Причината за намалувањето на контингентот не ја разбира ни Јан Данерибринг од Централното здружение на германските занаетчии (ЗДХ). „Сојузната влада неодамна ја удвои оваа квота, а сега повторно ја враќа иако околностите во споредба со минатата година не се сменети“, вели Данерибринг, исто така за Штутгартер цајтунг и заклучува: „Ако сакате да смените нешто во секторот на изградба на станови, ќе ни биде потребен секој човек“.

Негативни коментари и недостиг од разбирање за одлуката на идната влада за правилото за Западен Балкан доаѓаат и од редовите на експертите за пазарот на труд. Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд (ИАБ) смета дека владата со овој потег „испраќа погрешен сигнал“. Тој укажува на тоа дека правилото за Западен Балкан до сега се покажало како успешен механизам. „95 до 98 отсто од оние кои во Германија стигнале во рамки на ова правило со години по доаѓањето во Германија се вработени и уредно плаќаат придонеси“, заклучува Брикер.

Loading...