Петгодишниот Рајан четири дена поминал заглавен во бунар во Мароко. Набргу откако спасувачите конечно успеале да стигнат до него, петгодишното момче починало поради здобиените повреди.
Оваа неизвесна спасувачка акција ја следеше цел свет, а по трагичната смрт на детето, потресни пораки ги преплавија социјалните мрежи.
„Рајан ни покажа дека човештвото навистина постои. Ти благодарам Рајан што преживеа во тунелот пет дена додека не излезе на безбедно и не ни покажа дека си ангел“, рекол еден корисник на Твитер со илустрација на момчето.
„Ова момче ги поврза луѓето ширум светот. Почивај во мир ангелче“, стои во друга објава.
“Не грижете се за него, Алах избра тој да биде во рајот. Сега тој е најсреќното дете на светот. Не бидете тажни, одлуките на Алах се подобри од нашите”, пишувало покрај фотографијата на момчето.
Рајан во вторникот падна во бунар длабок 32 метри во селото Игара во северната мароканска провинција Шефшауен, а спасувачите оттогаш се обидуваа да стигнат до него дење и ноќе.
Тоа беше деликатна спасувачка операција во која паралелно со бунарот беше ископана шахта, а потоа и хоризонтален тунел за да се стигне до момчето. Спасувачите се обиделе да го одржат во живот давајќи му залихи вода и кислород. Му ставиле надзорна камера за да го следат неговото здравје и да комуницираат со него.
Неговиот братучед рече дека семејството сфатило дека тој исчезнал кога слушнале придушен плач и го спуштиле телефонот со вклучено светло и камера за да го лоцираат.
„Плачеше и викаше – земи ме“, рекол братучедот на трагично починатото момче.
Пред да биде извлечен Рајан од бунарот, неговата мајка Васима Кашиш рекла дека му се моли на Бога нејзиниот син да излезе жив и здрав.
„Те молам Боже, ублажи ја мојата и неговата болка во таа дупка“, извикуваше таа додека спасувачките служби се обидуваа да го извлечат момчето.
Репортерот на Асошиетед прес го видел момчето завиткано во жолто ќебе од местото на настанот, откако било извадено од тунелот ископан специјално за спасување.