„Чајот во Колашин е поскап отколку во Њујорк! Не е ни чудо што си заминуваат туристите, ги бркаме со цени“, гласат дел од коментарите.

Скијачката сезона е во полн ек, а многу луѓе по празниците заминуваат на патувања за да уживаат во зимските радости. Сезоната започна и во Црна Гора, каде популарниот ски-центар Колашин привлече многу посетители. Сепак, социјалните мрежи беа преплавени со коментари на изненадените гости поради високите цени.

На Инстаграм се појави фотографија од сметка од ресторан во ски-центаот, од 28 декември, на која се гледа дека за четири еспреса, чај и газирана вода се наплатува вкупно 31 евро. Поединечните цени откриваат дека кафето и газираната вода чинат по пет евра, додека цената на чајот е дури шест евра.

Ваквите суми предизвикаа бран огорченост на социјалните мрежи. „Чајот во Колашин е поскап отколку во Њујорк! Не е ни чудо што си заминуваат туристите, ние ги бркаме со цени“, гласат дел од коментарите.

Новинарката на локалниот портал од Колашин, Драгана Шќепановиќ , објаснува дека ваквите цени не ја одразуваат фактичката состојба во градот.

„Сопственикот на ресторанот има право да ги одреди цените според сопствената деловна логика, но тоа во никој случај не е просек за Колашин. Проблемот е што се чини дека нема стратегија на локалната администрација или Министерството за туризам да одговори на негативната перцепција“, рече Шќепановиќ.

Таа додава дека оваа репутација за високи цени ги повредува локалните ресторани и другите кои живеат од туризмот.

„Важно е да се нагласи дека во Колашин има места кои се достапни за просечните граѓани на Црна Гора и регионот. Ова треба да биде клучна порака при претставувањето на туристичката понуда на градот, притоа постојано нагласувајќи дека цените на еден ресторан не претставуваат цените на цел Колашин“, заклучува Шќепановиќ за порталот Вијести.