Кај народот постои едно чувство, желба за одмазда, за казнување на власта и мислам дека токму таа желба за одмазда се реалзиираше синоќа. Луѓето едноставно го казнија СДСМ. Мислам дека во последните години во Македонија, се наталожи чувство на, да кажеме некаква, политичка загуба, вели политикологот Љупчо Петковски во своето гостување на Сител телевизија.
– СДСМ покрена некои процеси во државата што беа доста болни како промената на името, бугарскиот договор. Ветената награда секогаш беше започнување на преговорите, отворањето на процесите. Мислам дека со ветото на Бугарија и особено со бугарскиот предлог, политичкиот капитал на таа политика и на политичарите кои ја заговараа таа политика се уништи целосно. И беше само прашање на време кога таа казна ќе се ефектуира. Тоа е клучната работа, а другата работа е малку попрактична:
– Видовме дека добар резултат направи Максим Димитриевски. За Максим мислам дека гласаат некои фракции или крила од социјалдемократите кои да кажеме со овие заевистички крила или крилата што се сега на власт имаат барем еднодецениски спор, внатрепартиски кој започна со доаѓањето на Заев на власт во таа апртија.
Петковски вели дека не е можно сценарио според кое Пендаровски би ја надоместил огромната разлика од 180.000 гласови минус.
– Во психилогијата на човекот, некои викаат Македонците се такви, универзално за човекот е кога станува збор за политика и за партии, е секогаш да се придружува кон победникот. Бројките се јасни, Силјановска Давкова има 40% и мислам дека и самите СДСМ знаат дека тоа не е возможно, вели Петковски и додава дека парламентарните избори веројатно би биле уште поголем дебакл за СДСМ, но бројките би се движеле тука некаде.
Тој додава дека сценариото на тивок бојкот е лошо сценарио, возможно е доколку албанските партии се договорат да ги бојкотираат изборите.
– Не мислам дека СДСМ тоа би го направил. Они знаат дека ќе изгубат, Пендаровски ќе го изгуби вториот круг, тоа е јасно, математички, логички… тоа е духот, времето, тоа е мислењето на гласачите и тоа јасно е покажано.
За гласачкото тело на ЗНАМ на Максим Димитриевски, Петковски вели:
– Мислам дека тоа се гласачи на кои СДСМ не им се допаѓа, се оттуѓени од СДСМ, но тоа се гласачи кои традиционално гласааат за центар левите во Македонија. ЗНАМ може да ги задржи гласовите кои ги освои Максим како претседателски кандидат и дури е можно дел од гласовите кои завршија кај Стево Пендаровски на парламентарните избори да одат во тој правец.
За албанскиот блок, Петковски вели дека ДУИ ќе победи уште поубедливо од првиот круг.