Пеце Јанкуловски од битолската населба Горно Оризари, повеќегодишен машинист во РЕК „Битола“, со булдожер тешок сто тони правејќи заштитни појаси придонесе да се спасат од големиот пожар селото Паралово и црквата „Св. Ѓорги“ каде е и гробот на војводата Ѓорги Сугарев. Јанкуловски, кој и претходно бил вклучен во гасење пожари, со голема пожртвуваност, преземајќи и ризични потези, со машината во сопственоста на РЕК, на моменти влегувајќи дури и во самиот оган, направи појаси со земјен пат низ шумата со што спречи ширење на огнот.
За да се вклучи во акцијата за спас на Паралово тој се врати од годишен одмор и успеа да го пренесе булдожерот три километри по козји пат, на стрмен кос терен за да гасне на местото каде беше најризично.
„Не ми беше толку страшно гаснењето, колку што ми беше страшно да ја пренесам машината од Грумази до над Паралово. Дојдоа двајца жители и ми рекоа ќе доаѓаш по нас. Од Грумази до над Паралово тоа не беше пат, туку козјо патче, машина од 100 тона со 6 метри нож, не знам кој би се нафатил да ја пренесе по тој пат. Поминав околу 3 километри, од едната страна провалија 300 метри, а од друга страна планината, а возев по коса линија“, кажува Јанкуловски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Кога стигнал над Паралово, огнот се ширел со голема брзина, а на места имал зафатено и борова шума. Почнал со машината да прави заштитни појаси на кои останувала само земја, остранувајќи ги лисјата и ниска вегетација кои лесно горат и го шират огнот.
„Огнот беше големо страшилиште. Теренот многу е стрмен. Со машината се спуштив 500 метри од сртот надолу кон манастирот и селото Паралово. Другите викаа ’бегај подалеку од огнот’, реков ‘не, мора поблизу за побрзо да се спречи ширењето’. Имаше и зафатени борови, влегов директно во огнот и ја пресеков парцелата. Направив неколку појаси. И се запре ширењето“, вели Јанкуловски.
Покрај пожартвуваноста на Јанкуловски, за гаснењето голем придонес дадоа и 30 доброволци од пожарникарското друштво „Архангел“ од Битола кои 16 часа учествуваа во битката за спас на селото и манастирот, како и локално население и 20 пожарникари од Територијалната противпожарна единица Битола. Во гаснењето на располагање дел од механизацијата ја стави и РЕК „Битола“.
Со свое видување за ситуацијата се јави и најпознатата инфлуенсерка во Македонија, Ина Многуфина која напиша:
Пеце Јанкуловски, навидум обичен човек, вработен во РЕК Битола како машинист си отишол на одмор. Кога станало опасно со пожарите, кога селото Паралово и црквата Св.Ѓорѓи во која е гробот на војводата Ѓорѓи Сугарев биле под сериозна закана од огнот, Пеце станал, се вратил од одмор, отишол до работа, го земал булдожерот што обично го управува низ рудниците и почнал да прави заштитни појаси околу селото. Правел, вртел, возел тоа булдожерот од 100 тони, му бегал на огнот, бил побрз и Пеце ги спасил и селото и црквата. Пеце Јанкуловски, навидум обичен човек ама кога има опасност Пеце станува супермен! Пеце, фала што постоиш, браво за храброста, човечноста и патриотизмот! ❤ #МалкуПознатиЅвездиВоМакедонија