Маж (54) од американската сојузна држава Мисури починал една недела откако изел сурови остриги (вид морска школка чие месо се служи како скап морски специјалитет). Тој се заразил со бактерија што јаде месо, која вообичаено може да се најде во школките.
По смртта на 54-годишниот маж, локалните здравствени власти ги предупредуваат сите граѓани кои купиле школки во иста продавница во градот Манчестер, во близина на местото Св. Луиза, да не ги конзумираат.
Мажот, чиј идентитет не е соопштен, починал во четвртокот и здравствените власти биле известени за случајот минатиот петок, пренесува BNONews. Тој се заразил со бактеријата Vibrio vulnificus, која може да се најде во школките.
„Нема докази дека продавницата направила нешто за да ги контаминира остригите. Веројатно биле такви кога ги примиле“, велат од здравствената канцеларија, додавајќи дека инспекторите се обидуваат да го утврдат потеклото на остригите.
Инфекцијата со оваа бактерија кај луѓето предизвикува вибриоза, чии симптоми се треска, гадење, повраќање и стомачни грчеви. Симптомите обично се појавуваат 12 до 72 часа по консумирањето на сурови или недоволно варени школки, а во некои случаи периодот на инкубација трае и до една недела. Третина од заразените не преживуваат.