Во Европската унија најлоши патишта се во Бугарија, Романија и Хрватска, а патиштата во Босна и Херцеговина долго време се говори дека се меѓу најлошите на континентот.

Лошите патишта во комбинација со непредвидливото време и човечките фактори однесоа многу животи на Балканот.

Делницата од автопатот Софија-Благоевград наречена „Струма“, каде загинаа патници во автобус од Македонија, е еден од најопасните патишта во Бугарија.

Градоначалникот на Перник Станислав Владимиров рече дека на оваа делница често се случуваат несреќи.

На овој дел од автопатот, меѓу другото, се случи тешка сообраќајна несреќа во 1996 година, во која загинаа 16 лица.

– Седум институции задолжени за квалитетот и организацијата на патиштата во нашата земја се информирани за состојбата на автопатот Струма кај селото Бошнек – изјави за „Actualno.com“, Дијана Русинова од Европскиот центар за транспортна политика.

– Овој дел е како пустина. Возачот не може да знае каде се наоѓа кога има дожд или магла – рече таа.

Според бугарските медиуми, македонската компанија Маврово го изградила овој автопат.

Пред 15 години возачите го предупредија тогашниот министер за транспорт дека патот е опасен.

Осветлувањето е слабо, таканаречените мачкини очи не ја рефлектираат светлината на фаровите, а кога врне остануваат големи барички со вода.

Црни точки во Србија

Сообраќајната полиција повеќепати предупредуваше дека Ибарската магистрала и натаму е најголемата црна точка на српските патишта.

Несреќите со смртни последици се чести и на автопатот Белград-Ниш, од Бубањ Поток до Умчар.

Зимно време особено критичен е патот за Златибор кон Црна Гора, а наесен најопасни се патните правци Белград – Зрењанин и Шабац – Лозница.

Авто-мото сојузот на Србија се согласува дека во повеќето сообраќајни несреќи причина е човечкиот фактор, односно желбата на возачот и неговите сопатници што поскоро да стигнат до целта. Неприспособената брзина, ризичното престигнување и пред сè заморот на возачот во 80 отсто од случаите се причина за сообраќајни несреќи на пристапните патишта кон Белград. Затоа ве советуваат на пат секогаш да одите одморени, бидејќи тогаш „ризикот е помал, а безбедноста поголема“.

А3 – делницата на смртта

Велат дека автопатот А3 во Хрватска е монотон, на него нема проблематични кривини или тунели, но сепак има редовни тешки сообраќајни несреќи, од кои последната е кај Славонски Брод во јули годинава, кога дури десет лица ги загубија нивните животи.

Нешто порано, во март годинава, исто така во раните утрински часови на клучката Окучани при превртување на камион со српска регистрација загинаа четири лица, а сите загинати се мигранти.

Тоше Проески, познат музичар, со својата менаџерка Љиљана Петровиќ и возачот Ѓорѓи Георгијевски, ноќе тргна од Скопје за Загреб. Георгијевски кај Нова Градишка, поради недржење на растојание, со предниот десен дел од патничкото возило VW Tuareg удрил во задниот лев дел од камионот што го управувал Славиша Кузмановиќ од Белград.

Од силината на ударот автомобилот во кој се наоѓал Тоше Проески на совозачкото седиште се свртел и удрил во заштитната ограда. Починатиот пејач бил извлечен од автомобилот со помош на пожарникари.

БиХ ги има најсмртоносните патишта во Европа

Според претставниците на Здружението за подобрување на безбедноста во сообраќајот, најризични патишта во БиХ се автопатот М17 што ги поврзува граничниот премин Босански Шамац и граничниот премин Долјани, потоа делниците од Зеница до Маглај, Добој – Лукавац, Јабланица – Мостар, Бугојно – Горњи Вакуф, Крупа – Отока и дел од патот Бања Лука-Јајце, т.н. Тијесно.

На овие патни правци има значителен недостаток во одржувањето на патната мрежа, нема заштитни огради, разновидна сигнализација.

Кањонот Морача

Една од потешките несреќи која се случи со автобус со романски регистарски таблички беше пред девет години во кањонот Морача во Црна Гора. Тогаш загинаа 19 лица, а повеќе од 30 беа повредени.

Делот од кањонот каде што реката Мртвица се влева во Морача, кај Плати, се смета за црна точка, бидејќи таму се случуваат најмногу несреќи.

Причините за тоа би можело да бидат неприлагоденото возење, но и опасноста на самиот пат поради неговите природни карактеристики.