(ТЕКСТ ОБЈАВЕН ВО ЈУЛИ 2009 ГОДИНА)
Божјо чудо или природен феномен? Познатата фреска на Богородица и Малиот Исус се појави на стебло од исечено дрво, синоќа во населбата Чашка.
Дрвото се наоѓа во дворот на училиштето кое граничи со црквата во населбата. Работниците имале задача да го пресечат и со избичените талпи од него, да градат црковна трпезарија.
„Четири-пет дена се спремаме да го сечеме, ама или ветрови ќе се случат, или не ни даваат и одложивме, кога вчера се смири малце времето и го исековме. Кога почнавме да ги сечеме гранките, почнаа пилите да се стегаат, како некако да не даваше да се работи“, раскажува Тодорче Дончовски, работник, сведок на настанот.
Но, фреската не се појавила веднаш. Работниците раскажуваат дека откако го пресекле, на дрвото немало ништо чудно.
Силна светлина доаѓала од пресеченото стебло
Синоќа околу 22 часот деца од населбата забележале силна светлина која доаѓала од пресеченото стебло.
„Децата од лулашките се враќале, кога виделе светлина некоја, дотрчаа да кажат и ние видовме“, додава Дончовски.
Фреската не се појавила веднаш, раскажуваат жителите.
Жителите се запрепастени од глетката. И тие потврдуваат дека на стеблото немало ништо се до вечерта кога децата го забележале феноменот.
„Многу чудно, синоќа околу 22 го забележав, беше невидена слика“, рече Даниела Андреева, жителка на Чашка.
„Сабајле и ги видов очите на Мајка Богородица и за мене претставува нешто најубаво во животот“, вели Ленче Ангеловска, жителка на Чашка.
Целата населба денеска се собра околу стеблото со фреска. Некои од нив почнаа да палат свеќи и да оставаат пари. Градоначалникот на Чашка вели дека појавувањето на Богородица е добар знак за општината.
„Посебно бев горд што се случи токму кај нас, јас се наежив од овој убав приказ и се надевам дека во иднина токму Мајка Богородица и Исус Христос ќе ни бидат заштитници на нашата општина“, изјави Горан Пановски, градоначалник на општина Чашка.
Градоначалникот веднаш ги повикал свештениците од Повардарската епархија и екипа од Велешкиот музеј за да се конзервира фреската, која освен верска, може да има и туристичка вредност.
(ТЕКСТ ОБЈАВЕН ВО ЈУЛИ 2009 ГОДИНА)