Светот вчера го обиколи веста за херојството на 13-те украински војници кои на Змискиот Остров во Црното Море одбиле да се предадат и херојски загинале. Но, Русија тврди дека сите се живи и заробени, а во прилог денеска е објавено и видео од нивното пристигнување на Крим.

„Го положија оружјето и ќе бидат ослободени откако ќе дадат заклетва дека нема повеќе да учествуваат во воени дејствија против Русија“, изјави Игор Конашенков, портпарол на руското Министерство за одбрана.

Претходно украинските официјални лица објавија дека 13-те војници храбро загинале откако одбиле да се предадат. Се појави и аудио снимка со разговор меѓу нив и руски брод. Од бродот апелираат војниците мирно да се предадат, дека нема да бидат повредени, на што тие враќаат: „Руски броду, е*и се“.

Се предале вкупно 82 војници

Група украински граничари од Змискиот остров, за кои беше објавено дека загинале и беа „посмртно одликувани“ од претседателот Владимир Зеленски, пристигнаа во Севастопол, изјави заменик-командантот на руската Црноморска флота, генерал-мајор Михаил Јасников.

Вкупно 82 војници на вооружените сили на Украина кои и се предале на руската армија пристигнале на Крим со реморкерот на Шахтјор. Како што велат, тие го положиле оружјето за време на преговорите.

– Морнарите на Црноморската флота со почит ја прифатија одлуката на украинските граничари. Пред тоа беше развиен безбеден коридор за трансфер на војниците во Севастопол. Ќе им биде укажана лекарска помош. Се снабдуваат со суви оброци и флаширана вода – рече Јасников, додавајќи дека, откако ќе ги поминат сите процедури, украинските војници ќе се вратат кај семејствата.