Џафер Долек бил дел од групата која се враќала од Турција со агенцијата „Беса-транс“ и требало да се вози со автобусот кој изгоре на автопатот „Струма“, но по грешка му ги ставиле куферите во погрешен автобус и тоа му го спасило животот, раскажа за ТВ Сител таткото на Џафер кој вели дека само господ го чувал неговиот син.
Тој за несреќата разбрал откако се слушнал со својот син кој го известил дека безбедно стигнал во Скопје, при што му кажал дека еден од автобусите имал несреќа.
Долек требало да влезе и да ги стави куферите во автобусот кој изгоре на автопатот Струма во Бугарија, но откако хотелскиот персонал од хотелот во кој престојувал куферите му ги ставил во другиот автобус, а лице од агенцијата му кажало да влезе во истиот, бидејќи и во него имало место.
Според новите информации, на автопатот „Струма“ во Бугарија во пожарот на автобусот на „Беса-транс“ животот го загубиле 44 лица, а официјално 7 биле спасени. Се уште не се знае дали Џафер бил осмиот патник или пак станува збор за друго лице, имајќи предвид дека бугарското Обвинителство пренесе изјави на преживеаните патници кои тврдат дека од автобусот се извлекле 8 лица.