Во врска со алармантната состојба во јавниот градски превоз од ЛДП денеска нагласија дека Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на како што велат волјата на скопската градоначалничка Данела Арсовска, барајќи таа веднаш да си поднесе оставка.
– Доколку сите политички партии го поддржаа ланскиот предлог на ЛДП за воведување законска можност за отповикување на градоначалник односно свикување на референдум, со кој ќе се разрешеше градоначалничката Данела Арсовска, колапсот на јавниот превоз и високиот степен на аерозагадување, кое Скопје го однесе на првото место во Европа по загаденост, немаше да се случат – тврдат од ЛДП.
Однесувањето на градоначалничката Арсовска, од партијата го нарекоа однесување на разгалено дете, а според нив, колапсот на градскиот превоз изминатите два дена е последното дно кое го допрело моменталното градско раководство, кое потенцираат е „оперирано“ од срам и од било каква одговорност и чувство за последици кон сите граѓани кои живеат, но и оние кои престојуваат или транзитираат низ главниот град.
-Секојдневните смени на директори на јавните претпријатија, хаосот во работењето на градските служби, нехигиената во градот, запоставувањето на Зоолошката градина, загадениот воздух се само дел од причините зошто Данела Арсовска мора час поскоро да ја поднесе оставката и да се надмине оваа агонија која скопјани ја живеат секој ден. Покрај општото безредие кое владее во градот изминатите години, колапсот на јавниот превоз и измрзнатите граѓани по автобуските станици утринава се дополнителни аргументи предлогот на ЛДП за отповикување на градоначалници да биде поддржан во Собранието по итна постапка – децидни се од ЛДП.
Во спротивно, сметаат дека не само што ќе продолжи, туку агонијата на Скопје и скопјани ќе станува сѐ поголема секој нареден ден.