Полунакитена елка, новогодишни украси и реквизити кои чекаат да бидат поставени, кабли за струја кои се долж плоштадот – ваква е сликата изутрината во Скопје, по китењето набрзина на главниот град.

Веројатно под притисок од јавноста , метрополата започна да се украсува дури минатата недела, а центарот на Скопје не ги дочека граѓаните со вообичаена предновогодишна атмосфера како што вети градоначалничката пред викендот. Плоштадот денеска е несреден. Каблите помалку ги плашат скопјани, оти буквално се наоѓаат на пешачките зони. Оние кои го украсуваа градот кога нашата екипа беше таму, не сакаа да се снимаат, но објаснија дека каблите мора да бидат така поставени за да светат украсите и оти нема никаква опасност бидејќи се изолирани. Како и да е градските власти ќе им овозможат на скопјани само 10-тина дена од старата година, да се порадуваат на предновогодишна атмосфера.

Граѓаните кои ги затекнавме на плоштадот коментираат дека требало многу порано да се украси градот и да се направи забавна програма овие денови барем за децата . Скопје е посетено од туристи и ваквата слика, не е привлечна за странските гости .

Која е избраната фирма која украсува, на кој начин таа е избрана и што понудила од Град Скопје одговор до овој момент нема. Данела Арсовска објави само Фејсбук статус дека „партиски војници коментирале оти Скопје е тажно, а градот се кител за 30 илјади евра – додека порано се трошело многу повеќе“.

Во истиот статус од пред пет, дена Арсовска се обврза дека Новогодишната магија во Скопје ќе блесне на 15-ти декември , што не се случи. Алфа телевизија