На 53-годишна возраст почина Марјан Михајловски, вработен во клубот МЗТ Скопје Аеродром и еден од најпрепознатливите кошаркарски навивачи.

Од МЗТ Скопје со голема тага и неверување ја примија тажната вест.

„Уште од времето на поранешната држава е меѓу авангардата што прва ги поставува темелите на навивачкото движење во Македонија и пред се’ во Аеродром, каде што од прв до последен момент ѝ останува верен на својата најголема љубов. Покрај него израснаа многу генерации навивачи на МЗТ Скопје, а во тие кругови до крајот на животот остана можеби и најголема легенда. Последниве десетина години беше директно инволвиран во работата на клубот, придонесувајќи на свој уникатен начин за освојување на голем број титули и трофеи во Купот на Македонија. Почивај во мир, наш Мац!“, напишаа од клубот на социјалните мрежи.

Од Михајловски денска со трогателна посвета се прости и познатиот диџеј и музичар Владимир Блажев, познатиот Панчо од „ДНК“.

„Просто не ми е верно дека си отиде на несвојствен начин за тебе. Можам само да ти се заблагодарам што ни беше постар брат во маало, што не’ чуваше и изнесе на вистински пат и не’ научи на многу вистински вредности меѓу кои можеби и најбитните во животот, а тоа е како да бидеш човек пред се’, да бидеш лојален и да ги сакаш и гинеш за другарите! Мака мој, денес жали цел Аеродром, цело Скопје но и Македонија. Пример за другар со срце планина. Ќе фалиш, но никогаш нема да бидеш заборавен. Нека ти е светол патот“, напиша тој на „Фејсбук“.