Смртта на Денис Тот (27) ја потресе ракометната јавност во земјава, регионот и светот. Ракометарот починал денес во Клиничкиот центар во Скопје, откако вчераутро бил хоспитализиран.

Првично беше објавено дека Тот бил претепан пред една дискотека во Скопје, но Министерството за внатрешни работи излезе со информација дека врз неговото тело немало траги на насилство и дека во Клиничкиот центар бил префрлен во бесознание и без срцева акција.

Хрватските медиуми со внимание го следат случајот. „Вечерњи лист“, пренесе изјава на ракометарот на Вардар 1961, Анте Гаџа.

„Страшно е ова што се случи. Момчето не го познавав добро, се поздравувавме и ќе си кажавме по некој збор кога ќе игравме еден против друг. Не се дружевме, не се гледавме приватно. Секако целиот град зборува само за ова. Кога станува збор за евентуалниот напад врз него, чудно ми е тоа, бидејќи во Македонија, а особено во Скопје сите го сакаат ракометот“, рекол Гаџа и продолжил.

„Лично никогаш не сум имал проблеми во градот и не верувам дека некој го нападнал од чист мир. Секакви приказни кружат, па не знам што да кажам, а да биде блиску до вистината. Соиграчите во соблекувалната зборуваат дека го пронашла келнерка од кафулето каде што се случило како лежи во тревата. Таа наводно повикала брза помош. Не знам дали ќе се игра нашиот натпревар со нив поради сето ова“.