На 21.02.2022 година во 00:35 часот на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Подмолје, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничките моторни возила со охридски регистарски ознаки: „Ауди“ управувано од М.Л.(24) од селото Белчишта, општина Дебарца и „Фолксваген Поло“, управувано од Х.К.(30) од Охрид.

На местото на несреќата починал возачот Х.К., а екипа на Итната медицинска помош констатирала смрт додека, М.Л.-возач на возилото „Ауди“ се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св.Еразмо“. Врз телото на починатиот ќе биде извршена обдукција. Увид на местото на незгодата извршија јавен обвинител и полициски екипи.

Возачот на „Аудито“ бил во видно алкохолизирана состојба

Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, 24-годишен жител на селото Белчишта, општина Дебрца, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Поведувањето на постапката следи откако јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид, во координација со увидна екипа од МВР, изврши увид на самото место на сообраќајна несреќа , која се случи утринава после полноќ, на магистралниот пат Охрид-Кичево, во близина на селото Подмолје. Несреќата се случила кога осомничениот, управувајќи патничко моторно возило „Ауди А6“ со охридски регистарски ознаки, не се придржувал на условите на патот, не ги почитувал сообраќајните прописи и во видно алкохолизирана состојба, преминал во лентата од коловозот наменета за движење на возила од спротивен правец. Во тој момент со возилото удрил во возило „Фолксваген поло“, управувано од 30-годишно лице од Охрид. Од ударот настанале тешки повреди кај возачот на автомобилот „Фолксваген поло“ поради кои настапила смртна последица.

Веднаш по увидот, јавниот обвинител издаде насоки и наредби за прибирање на траги од местото на настанот, за утврдување на количество на алкохол во крвта на осомничениот, за сообраќајно – техничко вештачење, како и за обдукција на телото на починатиот.