Директорот на едно средно училиште во Јапонија беше отпуштен на почетокот на оваа недела, откако беше откриено дека наточил повеќе кафе отколку што платил.

Јапонските медиуми објавија дека 59-годишниот маж, чиј идентитет не е соопштен, наточил големо кафе за време на паузата за ручек, иако ја платил цената за кафе со обична големина.

Имено, вработената во продавницата забележала дека наточил кафе кое чини 1,25 долари, додека во машината за самопослужување ставил 0,75 долари. Ова го направил седум пати, а вработената која ја забележала оваа неправилност повикала полиција.

Надлежните веднаш го разрешија директорот, а тој самиот им се извини на учениците и нивните семејства, велејќи дека неговото отпуштање е пример и поттикнува дисциплина.

Обвинителите одлучија да не покренуваат обвиненија против него. Ова не е прв ваков случај на измама со кафе во Јапонија, пренесува Business Insider.