Раде Трајковски – Штекли е стабилен и вон животна опасност, откако утрово во дворот од семејната куќа му била фрлена експлозивна направа, изјави за „Слободен печат“ директорот на ГОБ „Св. Наум Охридски“, Небојша Настов.
Тој вели дека сè уште траат испитувањата, но Трајковски е вон животна опасност.
Како што претходно соопшти Министерството за внатрешни работи, утрово во 9:20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа.
Во експлозијата е повреден Штекли и е пренесен во градската болница „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош. Домот на Штекли всушност се наоѓа зад трговскиот центар „Ист гејт“, каде што тој два пати беше мета на напад.
Бомбата во дворот на Штекли најавена на ТИК ТОК?
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека при експлозија на бомба повреден е Раде Штекли, во јавноста познат како припадник на криминалното подземје.
Тошковски кажа дека лошо е што криминални банди хараат и денес и оти МВР сурово ќе одговори против оние кои ги вознемируваат македонските граѓани. На новинарско прашање зошто полицијата не им влегува во траг на криминалците бидејќи заканата кон Штекли била објавена на социјалната мрежа ТИК-ТОК, министерот кажа дека прашањето било на место но тој ќе бил искрен и полицијата ќе одговорела согласно капацитетите.
Од полицијата претходно информираа дека утрово во 09.20 ч. во дворно место во населба Керамидница во Скопје била фрлена експлозивна направа.-Од експлозијата со повреди се здобил Р.Т., кој е пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување на помош. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, велат од МВР.