Лошите претчувства на Зоран и Марина Мишковиќ од Апатин се остварија, бидејќи ДНК анализата утврди дека телото пронајдено кај Даље е на нивниот десетгодишен син Антонио. Со тоа и ставија крај на нивната четиримесечна агонија, додека ги чекаа резултатите од ДНК анализата, за да утврдат дали телото на давеникот кој беше извлечен од водата на 7 јуни е нивниот син.

– Конечно дознавме дека удавеното дете пронајдено во Хрватска е нашиот Антонио, како што се сомневавме цело ова време. Ова усно ни го кажаа од полицијата во Осиек. Нема повеќе надеж, но верувајте денес е полесно бидејќи конечно знам дека ќе го донесам дома, достоинствено ќе го погребам и ќе можам да запалам свеќа на неговиот гроб. Ги исплакавме сите солзи овие четири месеци, се шетавме по дома како луди, не спиевме, ниту јадевме… Се надевавме дека можеби е жив некаде, иако сè укажуваше дека не е. Барем сега знаеме дека се е готово, дека го нема и дека ќе мора да живееме со тоа – расплакано раскажува таткото Зоран.

Да потсетиме, Антонио последен пат бил виден жив на брегот на Дунав во Апатин, на 29 мај, каде со велосипед дошол со својот братучед Патрик Б. (10). Оттогаш им се губи секаква трага. Нивните патики и велосипеди биле оставени на брегот, а сомнежите беа дека влегле во реката и се удавиле. Следните денови следеше опсежна потрага по реката, брегот и во шумата.

Девет дена подоцна, на 7 јуни, телото на едно момче беше извлечено од Дунав кај Даље во Хрватска. Веднаш се посомневале дека се работи за едно од двете деца од Апатин. Иако бил за идентификација, Зоран не можел со сигурност да потврди дека се работи за неговиот син.

– Бев збунет од маицата. Беше во сино на училиште, бевме уверени дека ја носи истата маица и кога отиде на прошетка, додека давеникот чии слики ги гледав имаше црвена… не можев добро да го видам лицето, телото долго време беше во вода, се променило. Дури подоцна заклучивме дека Антонио, бидејќи немаше никој дома, можеби ја соблекол сината маица што ја носеше на училиште и да ја облекол црвената. Но, не можев да ризикувам да згрешам, не можев да тврдам дека е тој кога не бев сигурен – се присетува Зоран.

Тој додава дека сопругата и тој дале крв за ДНК анализа, дека се надевал дека брзо ќе помине и дека ќе открие дали е неговото дете. Сепак, се се одолговлекуваше со месеци…

Второто тело е пронајдено вечерта на 22 јуни, на околу стотина метри низводно од Апатин, во т.н. Лиман на Ловра. ДНК анализата потврди дека се работи за Патрик, кој беше погребан на 26 јули.