Наголемо се подготвува новогодишната потрошувачка кошничка и граѓаните треба да ја очекуваат наредниот месец со околу 500 производи, најави заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.
Тој рече дека се извршени сите консултации со повеќе фактори кои влијаат на крајната цена на производите, како стопанските комори, синдикатите и Организацијата за заштита на потрошувачите.
– Во новогодишната кошничка ќе имаме преку 500 производи со намалени цени, односно, повеќе групи на производи. Ќе има и некои различни производи од есенската потрошувачка кошничка. За граѓаните најбитно е што ќе бидат опфатени оние производи кои се најзастапени на трпезата за Нова година и за празниците околу Нова година – изјави Ристески.
Тој е уверен дека потрошувачката кошничка ќе донесе бенефити за граѓаните.
– Ние најавивме повеќе такви потрошувачки кошнички за најголемите празници кога потрошувачката на одредени производи е најголема. Со ова имаме две цели, да не дозволиме инфлацијата да оди нагоре, како и стабилизирање на цените на основните прехранбени производи – посочи Ристески.
Министерството за економија и труд, додаде, будно ја седи примената на Законот за нефер трговски практики. Договорите се потпишани со маркетите. Има детектирани два клучни проблеми, еден за повратот на стоката и втор во врска со маркетингот.
– Со Владата и со Комисијата за заштита на конкуренцијата ќе гледаме да донесеме соодветни одлуки кои ќе бидат во интерес и на производителите и на добавувачите на маркетите и, секако, во интерес на потрошувачите – рече Ристески.