Постои можност телото на исчезнатиот Матеј Периш од Сплит никогаш да не биде пронајдено, пишуваат српските медиуми. Тоа ќе биде трагично за семејството на исчезнатиот млад човек, кој последен пат беше виден во Белград ноќта меѓу 30 и 31 декември 2021 година. Девет дена се трага по младото момче, а како одминува времето на сите им е јасно дека шансите Матеј да биде пронајден жив стануваат се’ помали.

– Постои опција неговото тело никогаш да не биде пронајдено. Тоа би било трагично! Имавме неколку пресврти во целата приказна. Имаше надеж дека е жив кога го видовме како трча по улиците, а потоа тонеме во мистеријата како минуваат деновите. Самата мистерија може да биде дури и неговото тело никогаш да не се појави, ангажиран е и Интерпол, нашите власти го чешлаат Дунав за да најдат каква било трага. Мислам дека рокот е 10 години некој да биде прогласен за мртов без тело, вели еден од српските новинари.

Да потсетиме, Матеј дојде во Белград да ја дочека новогодишната ноќ со своите пријатели. Тие биле заедно во клубот „Готик“ во Бетон хол, а потоа Матеј истрчал во маица, што неговите пријатели, како што велат, не го забележале веднаш. Безбедносните камери го снимиле Матеј како трча по белградските улици и запира таксист, а неговиот татко Ненад потврдил дека момчето од снимката е исчезнатото момче.