Нема лек ниту вакцина за спас од конго кримска треска, велат лекарите. Крлежот што ја носел заразата наречена конго-кримска хеморагична треска бил кобен за дваесет и седумгодишната жена од штипското село Кучица.
Вирусот влегол со убодот и тоа што сама го отстранила крлежот нема поврзаност со настанатата тешка состојба што заврши фатално, објаснуваат од Инфективната болница.
Директорката Милена Стевановиќ, но и епидемиолозите потврдуваат дека и нејзиниот сопруг речиси во исто време бил каснат од крлеж, но кај него нема ништо бидејќи тој крлеж не бил заразен со опасен вирус. Појаснувањата на лекарите зошто животот на здрава жена без други болести згаснал е оти лек не постои, има само симтоматска терапија, па се зависи од организмот на поединецот.
Овој вирус има висока смртност која достигнува и до 40%, а на човек се пренесува или по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните.
Во меѓувреме, поради тоа што станува збор за зараза, триесетина лекари, но и членови на семејството се ставени под здравствен надзор, па препораката за нив е да не се движат помеѓу други луѓе.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, во зглобовите, стомакот и повраќање. Можат да се јават и симптоми како црвени очи, зацрвенето лице, дамки на непцето, но и жолтица. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат модринки, а настапува и обилно крварење. Вакцина не постои.