Поранешниот генерален секретар на Владата и обвинет за случајот „Софтвери“, Драги Рашковски, академската кариера ја менува со бизнис амбиција. Поранешниот функционер станува претприемач со основање на фирмата „Демра Холдинг“ засега регистрирана на неговата адреса на живеење во скопски Аеродром.

Основната дејност е „одгледување насади и посеви“, а во рамки на првата фирма во сопственост на Рашковски е регистрирана и подружница „Демра Ауто“ со адреса во Струмица за „трговија со автомобили и моторни возила од лесна категорија“.

Фирмата на Рашковски е регистрирана изминатите денови , а под неговото име, покрај тоа што е новопечен управител, и натаму стои дека е професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје. Во обидот да стапиме во контакт со него ни рече дека повеќе не бил јавна личност и дека „не сака да се рекламира“.

Последно што се знае за него е тоа дека лани му се укина мерката куќен притвор откако тој достави гаранција во вредност од 11.868.762 денари (околу 192.000 евра) во недвижен имот за случајот „Софтвери“. Рашковски беше во куќен притвор од јули минатото лето и беше прогласен првостепено за виновен за делата „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“ со казна затвор од осум години.

Пред две години Рашковски се појави на првиот академски час на „Јустинијан први“, а тогашниот министер за правда Никола Тупанчевски рече дека факултетот ќе се однесува достоинствено кон секого се додека не е правосилно осуден.

Во официјалната биографија на Рашковски, кога во 2017 стапи на функцијата генерален секретар на Владата, пишуваше дека е универзитетски професор со два доктората и три магистратури, кој објавил десетици научни трудови и измислил неколку патентни решенија. Тој освен правник, себе си се сметаше и за дигитален иноватор.

Случајот „Софтвери“ за кој Рашковски беше осуден на 8 години затвор се врати на повторно судење во Кривичниот суд, со одлука на Апелациoниот суд. Одлуката била донесена на нејавна седница на 11 јули, а се должи пред се на измените на Кривичниот законик и притоа отфрлена е жалбата на обвинителството.

За делото злоупотреба на службената положба Рашковски беше осуден на седум години затвор, а за делото перење пари, една година и шест месеци затвор. Случајот се однесуваше на набавката на два софтвери и исплата на хонорари. Првиот софтвер беше за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација, кои никој не ги користел, а Генералниот секретаријат со кој управуваше Рашковски ги набавил иако немал надлежност за тоа.