Мала драма се случила утрово на летот на Norwegian Air во авион кој требало да полета од аеродромот во Осло за Сплит во 6 часот и 40 минути.

Имено, како што пишува Слободна Далмација, 23-годишен Хрват се обидел насилно да влезе во пилотската кабина, а кога не успеал, се заклучил во тоалетот додека не дошла полицијата.

-Авионот веќе тргна и додека се движеше кон делот од пистата за полетување, наеднаш застана. Првото известување од пилотот било дека има технички проблеми и дека мора да застанат. Полицајците влегоа во предниот дел и по краток разговор се упатија назад, каде што патникот се заклучил. Во авионот настана гужва, сите сакаа да видат што се случува, па не можеше јасно да се види дали полициските сили влегоа во тоалетот или патникот сам се предаде. Секако, тројца полицајци му ставија лисици и преку пистата го одведоа до зградата од аеродромот – изјави Сенад Бишчевиќ, кој патувал со сопругата.

Полицијата подоцна потврди дека младиот човек не бил во алкохолизирана состојба или под дејство на опијати, но мотивот за овој инцидент не е познат. Летот на крајот доцнел два часа.