Министерот за финансии Фатмир Бесими соопшти дека доцна попладнево службеното возило во кое се превезувал заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, било учесник во сообраќајна незгода.
– Доцна попладнево, службеното возило со кое се превезував заедно со министерот за економија Крешник Бектеши на работен состанок во Владата беше учесник во сообраќајна незгода која се случи на крстосницата пред Владата. Освен материјална штета на возилата, за среќа нема потешко повредени лица. Учесниците се здобија само со полесни повреди. На повредените им посакувам брзо оздравување, напиша Бесими на „Фејсбук“.
Од МВР за “Фокус” ја потврдија сообраќајната несреќа каде во верижен судир учествуваа три возила.
-07.02.2022 околу 19:15 час на крстосница од бул.Св.Климент Охридски и бул.Илинден се случила сообраќајна незгода помеѓу ПМВ Шкода, управувана од Ј.Б. (38) од Скопје, ПМВ Киа, управувано од А.Т. (36) од Скопје и ПМВ Фиат, управувано од Д.П. (45) од Скопје, сите со скопски регистарски ознаки. Во незгодата со повреди се задобиле возачот Ј.Б. и сопатникот од истото возило Б.Љ. кои се пренесени во Комплекс клиники “Мајка Тереза”, велат од МВР.
Тие најавија официјална информација по завршување на увидот.