Двајца студенти кои протестираа против професорката на Универзитетот во Тетово, Бесијана Мехмеди, Арди Лена и Блерон Велиу, се повикани во полиција поради објавена аудио-снимка, објави Алсат телевизија.

Велат дека не сториле кривично дело. Студентот Блерон Велиу ни раскажа дека бил во полиција, додека студентот Арди Лена за Алсат изјави дека е во Струга и очекува поканата да му стигне до тамошниот сектор за МВР.

„Дотичната професорка Бесијана ме обвини дека на 21.03.2022 година сум снимал без нејзина дозвола и снимката сум ја објавил на Youtube. Јас во својата изјава ги отфрлив овие обвинувања затоа што јас не сум ја објавил. Не знам кој го сторил тоа“, изјави Блерон Велиу, студент.

„Ја известив полицијата дека сум во Струга и нема да можам да одам во Тетово, па тетовската полиција во мое име ја испрати пријавата до Струга, и очекувам струшката полиција да ме повика бидејќи сè уште не знам каква жалба има за мене. За студентот Блерон Велиу се знае, но за мене немам точни информации за какво обвинување станува збор“, изјави Арди Лена, студент.

Во понеделник студентите по музика на Факултетот за уметности ќе одржат состанок на кој ќе одлучат за следните чекори. Ја разгледуваат можноста за приватна тужба против професорката Бесијана Мехмеди, за нејзиното однесување кон нив. Распитот на студентите предизвика политички реакции. Од Алијанса за Албанците велат дека полицијата била окупирана од ДУИ и оти треба да престане со методите на УДБА. Од движењето БЕСА пак, обвинува дека власта се обидува да ја задуши слободата на говорот.

„Денес кога ДУИ и целиот државен апарат беа ставени во служба и заштита на професорката-насилник, чувствуваме обврска директно да се ставиме во заштита на студентите. Секогаш ќе бидеме покрај студентите“, велаат од Алијанса за Албанците

„Распитот на студентите кои протестираа е задушување на слободата на говорот и доказ дека продолжува хибридниот режим кој влева страв и ја спречува креативноста на младите. Ја осудуваме секоја акција насочена кон замолчување на студентите, притисок врз нив и влевањето страв“, велаат од Движење БЕСА.

Студентите минатата недела излегоа на протест и започнаа со бојкот на предавањата, барајќи одговорност за однесувањето на професорката Бесијана Мехмеди, која според нив, ги навредувала, им се заканувала и ги малтретирала. Таа пак, ги негираше сите вакви обвинувања.