Во Основниот кривичен суд во Скопје, вчера започна судскиот процес, за трговија со дете , кое било подведувано на проституција. На обвинителна клупа седнаа 13 обвинети, повеќето се млади велешани.

„Првообвинетиот ,С.Д. дваесет и петгодишен велешанец, од крајот на декември 2021 година и во текот на 2022 година, со употреба на закана над детето – жртва им овозможил на останатите обвинети и на други НН лица да вршат полови дејствија со жртвата на трговија со луѓе – по пат на сексуални активности, сексуална експлоатација и порнографија. Тој, во декември 2021 година преку апликацијата Instagram остварил комуникација со петнаесетгодишното девојче – жртва на трговија со луѓе и по неколку неделна континуирана комуникација преку апликацијата, откако стекнал доверба кај жртвата, ја довел во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал што првообвинетиот го користел како закана за да го присили девојчето да доаѓа и на други средби, заканувајќи се дека доколку не дојде, материјалите со интимна содржина ќе ги објави и ќе ги сподели на социјалните мрежи, со што ќе и наштети на нејзината чест и углед.
На овој начин, првообвинетиот го принудувал детето – жртва во повеќе наврати да оди во станови што биле наменски изнајмувани на повеќе локации во Велес. На средбите присуствувале осомничени и други НН машки лица, кои прво конзумирале наркотична дрога и алкохолни пијалоци, па во таква состојба вршеле полови дејствија врз детето – жртва и користеле сексуални услуги иако знаеле и биле должни да знаат дека малолетното дете е жртва на трговија со луѓе“ – соопштија од обвинителството за гонење организиран криминал.

Поради тоа што станува збор процес каде жртва е малолетно лице, обвинителката побарала исклучување на јавноста во текот на целата јавна расправа. Дел од одбраната посочија дека не биле повикани на сослушувањата на малолетничката. Сметаат дека записниците од сослушувањето се несоодветен доказ и дека на нив не може да се заснова пресуда. Предложиле да се издвојат записниците, но судот им го одбил барањето.

Едно лице ја призна вината- доби 2 години затвор

Еден од 14 обвинети велешани за сексуалната злоупотреба на 15 годишно дете од Велес го признал делото и Основен кривичен суд Скопје, му изрекол затворска казна.

„Обвинетиот Р.А. (27 год ) од Велес, обвинет за кривичното дело „Силување “од чл. 186 ст.2 вв ст.1 ја призна вината и досудена му е неправосилна пресуда од 2 години затвор. На лицето му е определен куќен притвор до правосилноста на пресудата а за сите останати постапката продолжува со исклучена јавност по предлог на јавниот обвинител“ – соопштија од Основен кривичен суд Скопје.

Судењето на останатите 13 лица почна вчера. Тројца се обвинети за „трговија со дете“, дел се товарат за кривично дело „полов напад и силување“ а еден и за производство и дистрибуција на детска порнографија. Сите се на возраст од 20 до 30 години.