Романскиот фудбал е потонат во жалост по веста за страшната трагедија што го снајде поранешниот репрезентативец Јонел Ганеа.
Неговиот двегодишен син почина откако еден месец се бореше за живот поради последиците од тешката сообраќајна несреќа.
Несреќата се случила на почетокот на мај во романскиот округ Таргу Муреш, а момчето, кое не било на детско седиште, туку седело на совозачкото седиште, се здобило со сериозни повреди.
Тоа било однесено во болница со хеликоптер, каде што останало во индуцирана кома до петокот, 6 јуни, кога починало.
Возачот на автомобилот бил таткото Ганеа.
Според романските медиуми, возилото го управувал самиот Јонел Ганеа, а автомобилот удрил во задниот дел од возило паркирано покрај патот – без никаква сигнализација или безбедносен триаголник.
Јавноста во Романија е поделена, а семејството бара приватност уште од првите денови.
Моника Ганеа, сопругата на поранешниот фудбалер, сподели трогателни спомени од нивниот заеднички живот во емотивно обраќање до јавноста:
„Јонел беше најдобриот татко на нашиот Александар. Од денот кога се роди, тие секогаш спиеја заедно. Тој се грижеше за него, му читаше приказни, го носеше кај животните, па дури и не му дозволуваше да гледа филмови на телефон. Нè носеше во манастир во неделите, а нашиот син секој пат покажуваше кон иконата на Воскресението Господово…“
Повик за молитва наместо осуда
Мајката на момчето апелираше до медиумите и јавноста за молитва и разбирање, изразувајќи го своето разочарување од јавната осуда што беше натрупана врз Ганеа.
„Полесно е да згазиш врз очаен родител отколку да се помолиш… Ова е грев. Искрено, очекувам повик за молитва за душата на моето дете.“
Јонел Ганеа (47) беше еден од најистакнатите романски напаѓачи кон крајот на 1990-тите и почетокот на 2000-тите.
Тој играше за голем број клубови, вклучувајќи ги Штутгарт, Рапид Букурешт и Вулверхемптон, и одигра 45 натпревари за романската репрезентација, постигнувајќи 19 гола.