На денешното рочиште во Основен суд Скопје 1, за грозоморните убиства на детето Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежевски, сведочеше Дејан Димовски, началник на единицата за насилен криминал во МВР. Тој зборувал за распитот на обвиентиот Кишишев и неговото сведочење за убиството на девојчето.

„Го прашавме со кого се дружи, споменуваше и некој Вељо од Велес. Излезе дека е Велибор Манев и живее на иста улица со Панче. Тогаш побаравме да се најде и да се изврши претрес. Од тоа што ни кажаа колегите од Велес, Манев кога ги видел дека дошле на претрес, паднал во несвест зoшто го приведуваат, и го донесоа во Скопје“, сведочеше Димовски.

Тој сведочел како е пронајдена Вања. До неа ги однел обвиентиот Кишишев. Началникот на единицата за насилен криминал, Дејан Димовски, вели дека кога го пронашле телото на Вања, тие се расплакале. Освен што била врзана, навидум немало други траги на насилство.

„Кога го извадивме телото на Вања, девојчето беше како да е живо. Устата залепена, нозете и рацете – врзани. Други траги на насилство не видовме. Во меѓувреме Велибор Манев на колегите им кажал и за другото убиство и им рекол дека ќе ги однесе во Велес“, сведочеше Димовски.

Првообвинетиот Љупчо Палевски го праша:
„Кога ги прашавте Велибор Манев и Боре Видевски – Како знаевте дека девојчето ќе биде само? И кога ќе излезе? што ви одговорија?”, праша Палевски.
„Велибор и Боре ни кажаа: „Таткото на Вања му кажа на Палчо’”, одговори тој.

За овие грозоморни убиства обвинителството ги обвинува Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Сите на првото рочиште од судењето се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.