На Косово денеска е ден на жалост поради 10-те загинати во автобуската несреќа во Хрватска.

Денот на жалост го прогласи косовоската претседателка, Вјоса Османи, која ја прекина посетата на Јапонија поради тој трагичен настан и денес ќе се врати во Приштина.

Во автобуска несреќа што се случи вчера во Хрватска, кај Славонски Брод, загинаа 10 лица, додека 45 патници се повредени, од кои осум се во сериозна состојба.

Дел од оние што ја преживеале несреќата, во изјава за Радио Телевизија Косово раскажале дека трагедијата се случила во многу кратко време.

– Се случи за една минута. Само видовме дека автобусот излета и се лизгаше околу 100 метри. Возачите спиеја. Тие се менуваа од време на време – раскажал еден од преживеаните.

Косовскиот премиер Албин Курти вчера отпатува за Хрватска, каде ги посети повредените, кои беа хоспитализирани во Славонски Брод.

Патникот Рамо Гаши раскажа како изгледале првите моменти по несреќата.

„Кога нешто пукна, за секунда, се видов себе и целиот тој народ, во ливада, таму долу, во каналот покрај автопатот“, рече Гаши.

Тој ја опишал ужасната глетка што ја видел.

„Ги видов повредените, мртвите, видов сè, без рака, видов сè, видов сè“, изјави за ХТВ Рамо Гаши, еден од патниците во автобусот.