Едно лице почина, а три се хоспитализирани откако примиле нелиценциран лек за хемотерапија во Велика Британија. Три здравствени регулаторни тела покренаа истрага за „изолиран инцидент“ во кој на четири лица им беа дадени погрешни лекови за рак на простата, пишува „Гардијан“.

Лековите ги дистрибуираше приватната компанија „Сајенсус“, на која и беа исплатени милиони за да обезбеди есенцијални лекови. Во соопштението на компанијата се наведува дека проблемот настанал во единицата која се занимава со производство на лекови.

– Ова е изолиран инцидент кој за жал погоди четворица пациенти. Многу ни е жал поради ова. Изразуваме сочувство до семејството и пријателите на починатиот. Спроведуваме темелна истрага – се вели во соопштението.

Директорот на компанијата беше предупреден за ризикот пред три години

Како што дознава „Гардијан“, четворица пациенти примиле нелиценцирани верзии на лекот „кабазитаксел“, инаку лиценцирана хемотерапија за лекување на рак на простата. Лекот се администрира со капнување во крвотокот на пациентот за време на хемотерапијата.

Компанијата „Сајенсус“ е овластена за производство од Регулаторната агенција за лекови и здравствени производи (МХРА), која покрена истрага за инцидентот.

– Безбедноста на пациентите е наш приоритет. Итно го истражуваме овој инцидент и гарантираме дека ќе ги преземеме сите неопходни регулаторни мерки за да се осигураме дека пациентите се заштитени. Исто така, бараме од здравствените работници да пријават сомнителни несакани ефекти или грешки во третманот за да се намали ризикот да се случи нешто слично – рече д-р Алисон Кејв, главен директор за безбедност на MHRA.

Како што дознава „Гардијан“, извршниот директор на компанијата уште пред три години бил предупреден дека со невнимателна работа ги ставаат во ризик пациентите, поточно дека здравствените работници ги оставаат пациентите без соодветен третман, со внатрешно крварење.

Во тек е истрага

Во јуни оваа година, комисијата за јавни услуги на Горниот дом на Парламентот започна официјална истрага против приватни здравствени компании кои обезбедуваат медицински услуги за домашна нега.

„Сајенсус“ е најголемата приватна компанија која обезбедува услуги за домашна нега за Националната здравствена служба во Велика Британија. Здравствената служба обезбедува лекови и медицинска опрема за околу 200.000 пациенти со сложени здравствени состојби, вклучувајќи рак, срцеви заболувања, дијабетес, деменција и ХИВ.