Владимир Бахчовановски ќе управува со ексклузивниот ноќен клуб „Мош“ на улица Дебарца во центарот на Скопје, преку новорегистрирана подружница, објави Фактор.мк. Порано тој беше директор на ЈП за стопанисување со станбен и деловен простор, на ЈП Македонски шуми, како и на Државната видеолотарија,
Ова е наведено во новоотворената подружница на фирмата Урбан Гарден со Бахчовановски регистриран како нов управител. Станува збор за фирма со нов назив која претходно го носела името „Макс Бет Кафе“.
Од „Мош“ неофицијално ни одговорија дека станува збор за привремено решение и дека во овој момент на угостителскиот објект му претстои големо менување на изгледот до декември, за кога се очекува повторно да продолжи да работи.
Бахчовановски покрај тоа што беше висок функционер на претходната власт, досега беше познат и како директор на обложувалниците „МаксБет“ со свој удел.
Ноќниот клуб „Мош“ од неодамна има нови сопственици. Во купопродажна трансакција бизнисменот и основач на „Неуромедика“ – Емил Угриновски заедно со бизнис партнер од Скопје стекнале 95% од сопственоста на локалот. Останатите 5 отсто остануваат во сопственост на претходните менаџери на „Мош“.
Неофицијално, купопродажбата е направена пред три седмици, реновирањето на локалот ќе започне наскоро и пред почетокот на зимата тој ќе треба да понуди нови содржини и нов концепт за работа. Според информациите новиот концепт на „Мош“ ќе биде направен по теркот на популарните белградски локали. Освен секојдневна вечерна програма „Мош“ ќе функционира и со денски „лаунч“ концепт.
Изминатиот период клубот беше на удар од јавноста и општински служби. Поради гласната музика, а по реакциите на граѓаните, инспекциите служби на Општина Центар во неколку наврати изрекуваа парични санкции.