Катастрофални поплави во регионот – додека Босна и Херцеговина трага по исчезнатите, Црна Гора вклучи црвен метео аларм, а Хрватска презема вонредни мерки.
Врнежи ќе има и на цела територија на Македонија, но тука нема да падне толкава количина дожд, вели за Сител хидрологот Угрински. Според најавите, пообилни врнежи ќе има во западните делови каде се очекуваат до 40 литри на метар квадратен дожд.
„Овие слики што се случуваат во соседството, во Босна и Херцеговина не мислам дека ќе се пресликаат на нашата територија, затоа што таму станува збор за поголеми количини на врнежи и многу поголема активност на тој циклон. Во нашата земја доаѓа во поублажена форма, со помали количини на врнежи“ – Атанас Угрински, хидролог од УХМР
Кај поголемите реки нема опасност од излевање на водата, смета Угрински. Ако врнежите се интензивни, на мали територии и за кратко времее, можни се локални излевања на помалите водотеци и суводолици во крајните западни и северозападни делови од државата. Проблеми не се исклучуваат и во градските средини.
„Ваквиот тип на врнежи доколку бидат поројни можат да претставуваат проблем и во дел до градските урбани средини, пред се тука мислам на Тетово, Скопје, Куманово, Струга, Гостивар, Дебар, тој краен западен дел од земјата. Поради неможноста за одведување на атмосферската вода, поради таквиот карактер на врнежите може да се случат и несакани појави на течење на вода по градските улици како резултат на запушување на таа атмосферска канализација инсталирана по градските урбани средини“ – Атанас Угрински, хидролог од УХМР
Министерот за земјоделие рече дека се активирани сите достапни ресурси за чистење на речните корита.
„Ставени се во функција сите расположливи средства и се прави план за чистење на сите критини точки во земјава, односно на речните корита кои низ годините, за жал, се неисчистени, па, мора интервентно да делуваме. Ја следиме прогнозата за да превенираме каква било штета по однос на ова прашање“ – Цветан Трипуновски, министер за земјоделство
Стабилизација на времето се очекува од понеделник.