„Штом ја видов снимката – знаев“, вели за неуспешниот атентат врз Доналд Трамп поранешен воен снајперист со светски рекорд. Вика, не треба човек да е снајперист бидејќи и на дете од седмо одделение му е јасно дека крововите наоколу први се обезбедуваат. Сугерира дека младиот атентатор имал некакви помош од инсајдерски кругови; или било замижено или било планирано. Инаку, како ќе се домкнеше толку блиску?
Далас Александар е ветеран кој има минато 14 години во снајперскиот тим на канадската војска, задолжен за заштита на канадскиот премиер и светски државници.
Поранешниот член на елитна единица тврди дека лицето кое пукаше на поранешниот американски претседател „имало помош“ во изведување на атентатот.
“Многу добро сум запознаен со овие работи и знам како треба да изгледаат, а за она што се случи вчера, воопшто не се сомневам дека напаѓачот имал помош од внатре во агенцијата или владата.“
Истрагата која е во тек засега оперира со теоријата дека 20 годишниот Томас Метју Крукс делувал сам. Тој залегна на кров оддалечен 118 метри од местото на кое Трамп држеше говор и пукаше од таму пред да биде ликвидиран.
Александар тврди дека тој никако не би можел и смеел да се приближи толку блиску.
„Штом ја видов фотографијата од воздух, веднаш ми немаше никаква смисла. Не можете среде бел ден да се качите на покрив на зграда што е оддалечена само стотина метри од претседателот. Не можете да дојдете во таа позиција со пушка додека претседателот држи говор. Не мора да бидете снајперист за да сфатите дека првото нешто што треба да го направите е да ги погледнете покривите околу местото кое го обезбедувате“, рече Александар.
Тврди дека премногу е очигледно дека овој човек имал помош од други луѓе за да се најде на тоа место во тоа време. Или некој замижил или тоа било стратешки планирано.
Чудно му е и што некој што бил доволно вешт толку да се приближи до метата, на крајот да ја промаши таа мета. Ако го избегнете целото обезбедување и ги премостите сите безбедносни слоеви кои постојат околу така важно лице, тогаш треба да сте вешти и да погодите од прва.
Александар беше член на снајперската единица која изведе рекорден погодок во 2017 година, користејќи McMillan TAC-50. Куршумот минал 3,5 километри, патувал речиси 10 секунди во воздух и на крај погодил терорист на Исламската држава додека излегувал од зграда и одел кон автомобил.