Русија ќе ја прекине својата воена операција само ако Украина престане да се бори и ако се исполнат барањата на Москва, се вели во соопштението на Кремљ, во кое се известува за разговорот меѓу рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Путин рекол дека операцијата се одвива според планот и распоредот и дека се надева оти украинските преговарачи ќе имаат поконструктивен пристап во разговорите и ќе ја земат предвид реалноста на теренот, соопшти Кремљ.
Турскиот претседател Таип Ердоган претходно го повика рускиот колега Владимир Путин да прогласи прекин на огнот во Украина, да отвори хуманитарни коридори и да потпише мировен договор, соопшти неговиот кабинет.
Во соопштението по едночасовниот телефонски разговор, турското претседателство рече дека Ердоган му рекол на Путин дека Турција е подготвена да придонесе за мирно решение на конфликтот, додавајќи дека прекинот на огнот ќе ја ублажи загриженоста за хуманитарната ситуација.
„Претседателот Ердоган го обнови својот повик заедно да го отвориме патот за мир. Ердоган ја истакна важноста од преземање итни чекори за постигнување прекин на огнот, отворање хуманитарни коридори и потпишување мировен договор“, соопшти неговиот кабинет.
Двајцата лидери разговараа и за билатералните односи, се вели во соопштението.