– Украинската Влада ја обвини Унгарија дека ѝ помага на Русија да ја продолжи агресијата против Украина, јави Би-Би-Си.
Министерството за надворешни работи ја обвини Унгарија и за зајакнување на руското „чувство на неказнивост“ поради наводните извршени воени злосторства.
Олег Николенко, портпарол на украинското Министерство за надворешни работи, објави на Твитер дека „неподготвеноста на Унгарија да ја признае одговорноста на Русија за злосторствата“ исто така ги охрабрува да „вршат нови“.
– Предлогот да се одржат мировни преговори во Будимпешта изгледа цинично. Ако Унгарија сака да помогне, мора да престане да му нанесува штета на единството на ЕУ, тврди тој.
Премиерот Виктор Орбан, кој долго му е сојузник на рускиот претседател Владимир Путин и покрај членството на Унгарија во НАТО, беше повторно избран неделава.
Унгарија се спротистави на нови и многу санкции, што веќе се воведени против Русија, одби и да обезбеди оружје за Украина, потсетува медиумот.
Во текот на вчерашниот ден, Орбан му кажал на Путин дека Унгарија ќе биде подготвена да ѝ плаќа на Русија во рубљи за увоз на гас – потег што други европски земји го отфрлија.
Украинското Министерство за надворешни работи го критикуваше и овој чекор – плаќањето во руска валута, обвинувајќи ја Унгарија за поткопување на единството на ЕУ.