Ова лето повеќето од политичарите ќе го искористат одморот во август да ги наполнат батериите пред локалните избори наесен, објави Канал 5 телевизија.
Грција, Турција или Хрватска на море, а некои поскромно на планина или езеро во Македонија- за разлика од минатата година кога сите беа дома, во кампања и трка за состав на нова Влада, ова лето повеќето од политичарите ќе го искористат одморот во август да ги наполнат батериите пред локалните избори наесен. Канал 5 побара одговори директно од нив, која дестинација ќе ја изберат овој пат.
Верен на домашниот туризам, шефот на државата Стево Пендаровски една недела ќе одмори на охридските плажи. Неколку дена после чествувањето на Илинден во Охрид планира и премиерот Зоран Заев, но вели дека со семејството размислуваат да одат и на јадранот, Турција или Грција. Потврди дека останува и планот за кратка викенд-дружба со неговиот поранешен колега Алексис Ципрас некаде околу Атина.
Од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не успеавме да добиеме одговор, а потпретседателот на партијата Владо Мисајловски претпочита одмор до блиска дестинација која нема да биде напорна за пат со автомобил. Другиот потпретседател Александар Николоски ќе оди во родниот Охрид, но поголем дел од времето ќе се фокусира на предизборието.
Поразличен одмор од останатите ќе има Али Ахмети. Како лидер на интегративците кој ја трансформира ДУИ во зелена партија со заложби за животната средина, ова лето тој ќе го искористи за рекреација – во слободните денови ќе пешачел во природа бидејќи бил страстен планинар.
Неговиот сопартиец и министер за надворешни работи Бујар Османи, по дипломатската набиена агенда, сега крои планови за одмор во жешката Турција, како и сите други политичари во август. Биљал Касами, претседателот на БЕСА, оваа година ја избрал Албанија.
По една година и четири месеци од почетокот на пандемијата и секојдневни активности околу состојбата во Македонија, за првпат на приватно патување надвор од границите на државата ќе оди и министерот за здравство Венко Филипче кој ни одговори дека најверојатно ќе ја избере Грција.
Но има и политичари кои не планираат патувања. Павле Трајанов од Демократски сојуз и понатаму смета дека сега не е време Владата и парламентот да се стават на пауза, туку да се засукаат ракавите за реформи, и да се стави Собранието во функција бидејќи има голем застој во носење на законите.