Ќе има многу инфицирани во пикот на грипот кој ќе почне наредната недела. Епидемиологот Сашко Олумчев вели дека бројките растат а тоа е резултат на гужвите по моловите, јавниот превоз но и шетањата надвор од државата. Со стартот на второто полугодие вирусите ќе се прошират и во училиштта а дали ќе има и втор наплив на многу болни ќе покаже епидемиолошката состојба.
-Контактите во големите градови, во јавниот превоз контактите таму многу се шири вирусот, така да може да имаме уште еден пик, или овој да продолжи и наредните две недели и ќе има многу случаи, вели д-р Сашко Олумчев, епидемиолог во Гевгелија
Според податоците од Институтот за јавно здравје, за три недели од грип починаа 6 пациенти, сите со коморбидитети и невакцинирани. Овој вирус може да даде сериозни компликации кај ризичните групи, предупредуваат лекарите.
-Што се однесува до смртните случаи, тие се кај пациенти кои имаат коморбидитети, рековме, станува збор за мешани инфекции, ненавреме дијагностицирани а пациентите имаат хронични болести како респираторни, кардиоваскуларни или дијабет, лекувањето не почнало навреме, и иако се мал број на случаи, исходот може да биде фатален, вели д-р Олумчев.
Последните бројки на регистрирани покажуваат дека оваа сезона на грип има над 2000 заразени од кои повеќе од половината се минатата недела.
За да биде спречено поголемо ширење на заразата, Комисијата за заразни болести вчера препорача забрана на посети во болниците, задолжително носење на маски во старски домови и здравствени установи и вакцинирање на ризичните групи.