Русија и Украина сѐ повеќе се ближат кон воен конфликт, барем според извештаите на западните медиуми. Западот стравува дека Москва сака да постави проруска Влада во Киев.

Пресс24 вчера пишуваше како низ бројки изгледа воената сила на двете држави. Но изјавите на македонската министерка за одбрана Славјанка Петровска дека македонската Армија може да се вклучи во евентуален судир доколку тоа го побара НАТО и добие зелено светло од претседателот Пендаровски предизвикаа бура реакции во јавноста. Дури и руската амбасада е изненадена од нив.

Но, каква е воената моќ на македонската Армија, според податоците на „Global Firepower“. Македонија е рангирана на 134 место од вкупно 140 држави за кои овој веб сајт изготвува извештаи.

Во Македонија има вкупно 14.500 воени трупи. И тоа, според податоците прикажани на „Global Firepower“, 7.500 се активни, односно професионални војници, 3.000 се резервисти и 4.000 се паравоени трупи.

Во делот на военото водухопловство, пак, Македонија има само 24 летала. И тоа, 10 се хеликоптери, 10 се летала за вежбање и тренинг, и четири се борбени хеликоптери. Сепак мора да се напомене дека на веб сајтот нема податоци за точниот тип на летала кои ги поседува македонската Армија.

Македонската армија може да се пофали со 10 тенка, и тоа од типот T-72A. Македонија има и 228 оклопни возила, 36 артелириски орудија и 11 ракетофрлачи.