Министерот за локална самоуправа Горан Милевски откри дека промотивниот лет од директната авионска линија што треба да се воиспостави помеѓу Софија и Скопје траел 35 минути.

„Ги поврзуваме Скопје и Софија и по воздушна линија. За само 35 минути слетавме во Скопје. Во првиот лет заедно со колегата Бочварски и со министерот и заменикот за транспорт и министерот и заменичката за туризам на Бугарија, како и со бројна делегација бугарски туроператори и новинари“, напиша Милевски на Фејсбук.

По слетувањето во Скопје, средбите на меѓувладините ресорски групи продолжуваат денеска во Скопје.

Авионската линија треба редовно да профункционира од март преку компанијата „Гуливер“, а билет најверојатно ќе чини 50 евра.