Станува збор за голема трагедија, особено кога се загинати 12 деца, кажа главниот јавен обвинител Љубомир Јовески од местото на сообраќајната несреќа. Тој изрази сочувство до семејството на загинатите патници.
– Јас сум задоволен од досегашната соработка со Обвинителството во Бугарија. Долги години имаме професионална соработка и верувам дека професионално ќе ги разјаснат сите околности во овој настан. Ние ќе дадеме помош во делот на обезбедување документација, идентификување на настраданите и се она што е потребно во истражувањето, кажа Јовески.
Одговарајќи на новинарските прашања, бугарските обвинители истакнаа дека работат на сите верзии, а во моментов се земаат изјави од сведоци кои се нашле на местото на настанот. Бугарскиот обвинител додаде дека имало и втор возач, но се претпоставува дека и тој е загинат.
Тие открија дека во Северна Македонија нема да се спроведува дополнителна истрага, а сите експерти ќе бидат обезбедени од бугарска страна. Од друга страна шефицата на Одделот за организиран криминал и корупција, Вилма Русковска рече дека сопственикот на превозната фирма се наоѓа на местото на настанот.
-Тука се наоѓа и сопственикот на превозната фирма, кажа дека 20 години има транспортна фирма и до сега немале никаков инцидент. Но, ќе ја обезбедиме целокупната документација за сите автобуси, односно кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе ги препратиме до бугарските колеги, истакна Русковска.
-Документите за сопственоста на автобусот се обезбедени и ние ќе ги предадеме на бугарските колеги, дополни Јовески.