Сензација над сите сензации во баражот за Мундијалот во Катар. Храбра, херојска, Македонија ја исфрли Италија. Македонија славеше со голот на Трајковски во 92. минута со 0:1 и го закажаа финалето со Португалија.
Италија вторпат по ред ќе остане без пласман на Мундијалот. Ова е голем, огромен удар за „аѕурите“, а многу говори и реакцијата на Роберт Манчини по голот на Трајковски.
Манчини најави оставка ако Италија доживее елиминација вечерва, па останува тоа да го потврди на прес-конференцијата. Мундијалот во Катар ќе биде втор по ред на кој нема да играат „аѕурите“, нешто што не се случило никогаш досега.
Осум месеци откако ѝ донесе европска титула на Италија, Роберто Манчини доживеа голем неуспех бидејќи нема да ја води репрезентацијата на Светското првенство во Катар.
Искусниот стручњак не го криеше своето незадоволство од прикажаното во Палермо, а изостана оставката која беше најавено пред натпреварот со Македонија.
„Мојата иднина? Ќе видиме следниве денови. Европското првенство ми беше најголемо задоволство, ова е најголемо разочарување во мојата кариера“, изјави Манчини по мечот.
Минатото лето сите беа на негова страна откако за две години ги крена „аѕурите“ и ги однесе до континенталната титула. Вечерва сите се против него.