Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог за 23 годишната велешанка за кривично дело „убиство на миг“ член 125 од кривичниот законик. Јавноста случајот Пале Илоска го знае од септември минатата година кога во семејната куќа во која живеела му го лишила од живот на миг А.Р со кој живеела во вонбрачна заедница.
Во соопштението објаснуваат дека: Откако се вратиле дома од гости, А.Р. во видно алкохолизирана состојба започнал вербална расправија со обвинетата, нарекувајќи ја со најпогрдни зборови. Таа влегла во спалната соба и легнала да спие, но тој дошол до неа, ја фатил за пижамата и со неа ја влечел до кујната, удирајќи ја со тупаници по главата, увото и левото рамо, како и со клоци по левата натколеница.
Потоа силно ја фатил со раце во пределот на вратот да ја дави, соопштија од обвинителство. Обвинетата, појаснуваат, давала отпор и го молела да ја пушти, а во еден момент од масата зела нож и му нанела убодна рана во пределот на срцето. Како последица на убодот, дошло до пореметување и престанок на функционирањето на срцето и смрт кај сега починатиот, информираат од ОЈО Велес.
Според кривичниот законик член 125 се вели:
– Тој којшто друг ќе лиши од живот на миг, доведен без своја вина во состојба на силна раздразнетост со напад или со тешко навредување од страна на убиениот, ќе се казни со затвор од една до пет години.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права со став дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот нужна одбрана, а не за сторено кривично дело „убиство на миг“. Адвокатот Звонко Давидовиќ објаснува дека доказите и вештачењето треба да го објаснат случајот.
– Многу често пати во вакви ситуации може да се работи и за нужна одбрана. Затоа што, ако одговорите и се браните од истовремен, противправен нескривен напад, вие имате право да го одбраните својот живот и телесен интегритет во случај кога сте нападнати, а оружјата се еднакви, нападот и одбраната истовремено трајат и одбраната не продолжува по нападот, вели Давидовиќ.
– Ако навистина постоело насилство кое траело подолг временски период и создало чувство на исфрустрираност, заплашеност, една посебна психолошка нејзина состојба, тогаш не е ни чудо што дошло до вакво нешто и имала право да се брани, додава тој за Канал 5.