Излегол пешки од трговскиот центар, а автомобил за бегство, црно ауди без таблички го чекал на булеварот кај зградата на општина Газибаба, ова се детали од истрагата кои ги дознава КОД. Егзекуторот од Ист гејт Мол кој во заседа застрела двајца меѓу кои и Раде Трајковски-Штекли оставил траги кои се пронајдени и се анализираат.
– Крим техниката на увидот пронашла точно седум чаури од моќниот разорен калибар 9мм. Тоа покажува извонредна прецизност на егзекуторот, бидејќи успеал со повеќе од половина да ги погоди жртвите кои се движеле по скалите по косо и се оддалечувале, со што само мал дел од телото им бил изложен на истрелите. Не е познато кое оружје е користено, бидејќи не е најдено. Претпоставките се дека станува збор за полуавтоматски пиштол, објави ТЕЛМА во најавата од емисијата КОД која ќе се емитува вечерва во 19:15 часот.
Досегашната истрага според сознанијата на КОД, утврдила делумни отпечатоци, но и прецизен ДНК профил на мистериозниот егзекутор, врз основа на примероци земени од повеќе локации на кои тој бил. КОД дознава дека таквите отпечатоци, односно ДНК профил, немало во кри киналистичката база, поради што е побарана помош во соседните држави, но и преку интернет.
– Црното Ауди, автомобилот за бегство не е најден. Дополнително, МВР ги проверило и сите траги споделувани по социјалните мрежи. Биле повикани неколкумина спомнувани како организатори, заканувачи, па дури и дека личеле на егзекуторот. Токму тој кого го посочуваа дека личи на ликот во белиот дуксер, бил елиминиран како осомничен извршител на злосторот, бидејќи во станицата стигнал со долга брада, објавува новинарот Миомир Серафимовиќ во емисијата КОД.
Во вечерашната емисија КОД повеќе и за мотивите на новиот напад врз Штекли на истото место во преполниот трговски центар, дали инцидентот е поврзан и со обезбедување на казина. Речиси 15 години во Скопје трае војната на два нарко клана Дуќанџик и Грчец кој е интензивиран последните година кога загинаа најмалку 5-мина припадници на двете банди. Во КОД и интервју со скопскиот обвинител Гаврил Бубевски за спорите истраги и за правните пречки во битката со насилните нарко-кланови во главниот град.
Емисијата е во редовниот термин по вечерните вести на Телма.