Наместо да му напишат казна, го испратиле да им испазари за јадење и пиење во маркет. Тројца полицајци заработија кривична пријава за примање на мито откако биле фатени од внатрешната контрола на МВР.
На споделената видео снимка од МВР може да се забележи како полициско комбе со ротација тргнува да сопре возило во центарот на градот, на мостот Гоце Делчев. Следниот кадар покажува како човекот кој подмитува пазари во продавница, а потоа со кеси во раката оди на возачката страна на полициското комбе паркирано на Ул. Даме Груев и преку прозорот ги подава намирниците на полицајците.
Од МВР велат дека ваквите постапки го нарушуваат угледот на институцијата, полицијата и на оние кои чесно секојдневно работат.
-До ОЈОГОКК, специјализирано одделение за гонење на крицични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, поднесе кривична пријава против Д.С., Ф.Ѓ и Д.Ј., полициски службеници во ПС – Центар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело примање поткуп. При вршење службени задачи побарале и примиле подарок за себе за да не извршат службено дејствие, односно, да не констатираат сообраќаен прекршок и на тој начин го нарушиле угледот на МВР.
За несовесните полицајци кои пред 10тина дена, некаде околу полноќ побарале поткуп, ќе биде изречена задолжителна мерка за отстранување од работа до завршување на дисциплинската постапка која е по предлог на внатрешната контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди.